Во седумнаесет општини низ Македонија децата од предучилишна возраст нема каде да се згрижат, покажува мапата што денеска ја објави Министерството за труд и социјална политика. Меѓу нив се Маврово и Ростуше, општина Новаци, Чашка, Студеничани, Сопиште, Дебарца и Могила. Според мапата областите без градинки претежно се наоѓаат во западниот дел на Републиката.
Во речиси половина од општините, пак, има само по една установа за згрижување и воспитување на деца. Конкретно во Скопје најголем проблем од овој тип има општина Сарај каде само 0,6 проценти од децата помеѓу 0 до 6 години одат во градинка.
Според истражувања на невладини организации, пак, од вкупно 80 општини низ Македониј во речиси 41 општина нема функционална градинка.
Проблемот со години е присутен, како во главниот град така и во остатанатиот дел од земјата. Од Министерството велат дека до крајот на годинава ќе заврши опремувањето и реконструкцијата на 13 градинки со што ќе се обезбеди престој за околу 682 деца. Денеска ресорната министерка, Мила Царовска, го посети Пионерскиот дом во Куманово кој е во процес на реконструкција за да се пренамени во градинка до есен. Во оваа општина само 26 проценти од децата во предучилишна возраст посетуваат градинка.