Македонското Собрание денеска во 11 часот, како што е најавено, треба да ја почне седницата за доверба на Влада.
Доколку опозицијата обезбеди 61 глас против кабинетот на премиерот Зоран Заев, тогаш Владата е должна да даде оставка во рок од 24 часа, по што би почнал да тече рокот од 10 дена во кои претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата или партиите кои ќе потврдат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието. Досегашната Влада, пак, ќе остане на должноста до избор на нов кабинет. Доколку, пак, опозицијата не успее да ја урне Владата на СДСМ и на ДУИ, тогаш во наредните 90 дена нема да може да се поставува ново прашање за доверба на Владата, освен ако иницијатива за тоа поднесе најмалку 61 пратеник.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на 31 октомври најави дека ќе поднесе оставка од двете функции поради поразот на локалните избори. На седницата на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ во вторникот, била донесена едногласна одлука тој да ги одложи оставките. Последните парламентарни избори се одржаа лани, по што СДСМ заедно со ДУИ ја формираа втората заедничка влада.