Внукот на Тоше Проески, Кристијан: Тоше многу ми недостасува, а на времето оставам како ќе тече мојата музичка кариера…

by fokus

Внукот на македонската поп икона, Тоше Проески, Кристијан Ристески вчера го објави видео-записот од неговата најнова песна „We are blood“.

Истата ќе биде изведена на 2-ри ноември, кога ќе биде концертот во чест на Тоше и промоција на неговиот најнов албум „Secret place“, а песната на Кристијан ќе биде во тој албум.

„Фокус“ направи интервју со Кристијан, кој зборуваше за неговата љубов кон музиката, за Тоше и за претстојниот концерт во петок.

Песната веќе почна да се шири на социјалните мрежи, а се емитува и на радиостаниците. Како што ни раскажа Ристески, не се отповарува премногу дали песната ќе доживее голем успех.

„Искрено, за песната не сум размислувал за тоа дали ќе биде хит или не. Тоа навистина не е важно. Оваа песна е работена со многу труд, емоции и љубов“, раскажува Ристески.

Младиот крушевчанец е се уште под импресии од работата со британскиот композитор и продуцент Енди Рајт, кој често пати соработуваше и со Тоше Проески.

„Работата со Енди Рајт е навистина феноменална. Секогаш природна и позитивна. Му благодарам за прекрасната музика на песната и за довербата што ми ја даде“, додаде Кристијан.

Ристески пред осум години го имаше првиот посериозен настап, кога заедно со останатите другари од ОУ „Никола Карев“ ја изведоа инструменталната верзија на песната „Цреша“ на Тоше Проески.

Како што вели Ристески, се уште чувствува мала трема, и жали што на концертот ќе биде без неговиот ментор и прв учител, Христо Христоски Мулар. Тој ненадејно почина минатиот септември.

 

„Секако дека имам малку трема, но и возбуден сум. Таа трема не е иста како пред осум години. За жал, на овој концерт ќе бидам без мојот најдобар ментор и професор по гитара, Христо Христоски – Мулар“, истакна внукот на Тоше.

На 16-ти окромври се навршија 11 години од трагичната смрт на Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска. И после толку години, Тоше се уште недостасува кај публиката.

„Ми недостасува секој момент од животот. Најмногу ми недостасува кога му помагав во снимањето на гитарските линии за албумот „The hardest thing““, додаде Ристески.

Уште од неговото телевизиско појавување, Кристијан ги освои срцата на многу луѓе на Балканот кои посакуваат и тој да продолжи по патот на Тоше Проески. Сепак, Ристески сака да остави сè на времето.

„Јас само ја сакам музиката што ја свирам. А, како ќе се одвиваат работите, оставам на времето“, го заврши разговорот Ристески.

На концертот на 2 ноември ќе настапат македонски и музичари од регионот, меѓу кои:  Борис Новковиќ, Владо Калембер, Каролина Гочева, Бојан Маровиќ, Тијана Дапчевиќ, Ања Рупел, Тамара Тодевска, Даниел Кајмакоски, групата „Фрајле“, Наум Петрески, бугарската пејачка Клавдија, Борис Режак, Антонија Гиговска, Александар Тарабунов и многу други.

Организатор на концертот е Фондацијата „Тоше Проески“ од каде што соопштија дека со овој концерт продолжува хуманата мисија на Тоше. Средствата се наменети за Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости