Нашата борба била за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор. А кога некои наши политичари велат дека имаме заедничка историја во целиот 20 век до 1945 година, не водат сметка дека во таа „заедничка историја“ го ставаат и АСНОМ !?
Пишува Стојан АНДОВ
Македонија подоцна од Бугарија стана кандидат за полноправно членство во Европската унија, а од 2008 година Бугарија стана членка на ЕУ. Кога почна да се создава клима која покажа дека е можно да се реши спорот со Грција, бугарските политичари изразија подготвеност побргу да направат договор со Македонија и да се отстранат пречките во меѓусебните односи. Со таа цел беше постигнат и потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, усвоен од владите и собранијата на двете земји. Во македонската јавност имаше многу забелешки, а бугарската речиси едногласно го прифати договорот.
Преспанскиот договор не е само билатерален, туку и меѓународен, бидејќи соучесник во договорот беше и Советот за безбедност на ОН преку претставникот Метју Нимиц. Таа околност вознемири некои политичари во Бугарија и тие ја презедоа од Грција опструкцијата на Македонија на нејзиниот европски пат. Оваа неочекувана постапка на извесен број бугарски политичари се јавува како можно бугарско вето, кога во декември годинава ЕУ треба да одлучува дали да почне преговори за полноправно членство со нашата земја.
БУГАРИЈА МУ СЛУГУВАШЕ НА ХИТЛЕР
Овие политичари, родени подоцна од настаните за кои зборуваат, можеби не знаат оти бугарската фашистичка армија и фашистичката бугарска администрација и полиција дојдоа во Македонија да му слугуваат на Хитлер, за да не мора да држи своја војска, туку окупатори да бидат Бугарите.
Фашистичка Бугарија, со дозвола на Хитлер, окупира голем дел и од Србија. Имаа свои гарнизони и администрација во повеќе градови. На тоа реагираше Велика Британија и ги бомбардираше Ниш, Софија и Скопје. Фашистичка Бугарија многу бргу по потпишувањето на Тројниот пакт ѝ објави војна на Велика Британија и затоа Бугарија, како губитник во Втората светска војна, со години не беше примена во ОН.
Бугарските фашисти, од Ниш до Солун, вршеа слугински задачи на Хитлер обезбедувајќи го тој дел од патот. Нивната војска и окупациониот апарат беа должни да сузбијат секаков отпор на населението против Хитлеровите орди во Македонија.
Тогаш бугарските гласила и политичари, и царот Борис Трети, тврдеа дека дефинитивно ја обединиле Бугарија, не само со навлегувањето во југословенска Македонија и делови од грчка Македонија, туку и во цела Тракија и „бугарските западни краеви“ во Србија.
За жал, и некои наши политичари, со цел да ги омекнат денешните напади врз Македонија и македонскиот народ, зборуваат за тоа дека сме имале „заедничка историја“ со бугарскиот народ. Тие не објаснуваат што подразбираат во овие свои наводи. Затоа овде ќе потсетиме на некои вистини.
ПОТСЕТУВАЊЕ НА НЕКОИ ВИСТИНИ
Прво, уште од 1874 година, рускиот и австроунгарскиот цар се договориле да ја делат географската територија на Македонија, а при крајот на 19 век турскиот султан, под притисок на рускиот цар, забранил да се употребува зборот Македонија и сѐ што е изведено од него. Во 1900 година, во Турција бил спроведен попис на населението. Никој не ги прашал Македонците, а ги попишал како Бугари.
Второ, во ослободителната борба на македонскиот народ посебно место има Илинденското востание. Бугарската службена историја ги порекнува овие факти. Тврди дека, на пример, Илинден е востание на македонските Бугари. Тоа не е вистина. Во чувствителните моменти Бугарија си водеше сметка за својот народ и за своите државни интереси и настојуваше по секоја цена да го спречи избивањето на Илинденското востание.
Илинденското востание е дело исклучиво на македонските револуционери и на македонскиот народ и предизвика восхит и поддршка, како и широка осуда на злосторствата на османлиска Турција во Македонија. Илинденската епопеја можеме до некаде да ја сметаме за заедничка историја, само затоа што Бугарија прифати многу бегалци од Македонија.
Во Првата балканска војна, Македонци учествуваа и во бугарската војска, но и во српската и во грчката. Најмногу ги имало во турската. Младотурците, тогашната турската власт, спровела мобилизација и на Турците и на Македонците во Македонија.
Во Првата светска војна, Македонците војуваа, првите две години како српски војници, а во двете последни години војуваа и како српски, од територијата на денешна Грција на Солунскиот фронт и како бугарски војници, од територијата денешна Северна Република Македонија.
Мојот чичко Димо бил две години постар од татко ми. Бил мобилизиран и во првата битка на српската војска против австроунгарската и загинал на планината Цер. Дедо ми и татко ми никогаш не го дознаа гробот на Димо. Од северната страна на фронтот дошле бугарска, австроунгарска и германска војска, а Бугарите извршиле мобилизација на младите Македонци.
Му дале позив на татко ми Божин да оди во бугарската војска. Дедо ми Андо тогаш му рекол: „Божин, ти си јако момче ќе ги издржиш сите напори, само сакам да ми се вратиш жив. Остана само ти. Сега кога ќе одиш пред бугарските воени власти, направи сѐ што можеш да не ти облечат воена униформа и да загинеш за туѓи интереси, како што се случи со брат ти, па и тебе да те изгубам.“ Татко ми направил некој престап – го навредил царот. Го затвориле поради тоа, го истепале неколку пати, ама поминало сето тоа и го префрлиле во „трудов баталјон“.
И денес во Солун на Зејтинли се изложени имињата на загинатите на фронтот од српска страна. Стојат и имињата на Македонците, каде што биле родени, само што на нивното презиме е додадена наставката – иќ. А на Македонци што биле во бугарската војска и загинале на фронтот, не им се знаат ниту гробовите. Тука не гледам во што е нашата заедничка историја со Бугарија.
ГЕНЕРАЦИЈАТА НА ТАТКО МИ ЗНАЕШЕ КОИ СЕ
На целата генерација на татко ми Божин им било јасно што биле тие и што сакале, а знаеле како постапувале со нив и бугарските и српските власти. Таа генерација, од која 90 отсто биле неписмени (селани, градски слуги итн.) ги издржала сите голготи. Огромно мнозинство од нив си останаа Македонци, токму како и што беа и покрај сите тешкотии и премрежија.
Татко ми беше во години кога дојдоа бугарските окупатори во Втората светска војна и не служеше во бугарската војска, а беше постар за да оди во партизани. Членуваше во Народниот фронт и во нелегалниот народноослободителен одбор на кавадаречка општина. До крајот на животот остана земјоделец. Не пристапи на Комунистичката партија, а беше вистински патриот.
Според тоа, наведените факти треба да ги имаме во вид кога воопшто се впуштаме во согледување на „заедничката историја“ на Македонија и Бугарија и македонскиот и бугарскиот народ. Не треба сега ние да даваме некој посебен нагласок на таа „заедничка историја“, затоа што таа речиси е иста со „нашата заедничка историја“ и со српскиот и грчкиот народ во времето на окупацијата. Особено не можеме да прифатиме да зборуваме за „заедничка историја со бугарскиот народ до 1945 година“. Тука треба особено да бидеме внимателни.
Нашиот народ тој период го доживува како сопствено ослободување од бугарските, германските и од италијанските фашистички окупатори. Тоа може многу лесно да се разбере и објасни и тоа не може да биде спорно. Ако ние го прифатиме тоа како „заедничка наша историја“ би значело дека ние Македонците треба да прифатиме дека и Македонците и Бугарите сме еднакво виновни што маса Македонци беа затворани и убивани во бугарските затвори, како што беше случајот со затворените борци на Скопскиот партизански одред и на партизанските одреди од Куманово.
НЕПРИФАТЛИВА Е ЗАЕДНИЧКА ОДГОВОРНОСТ
Тие луѓе што успеа да ги уапси бугарската полиција беа обесени и стрелани. Некои од нив подоцна, по ослободувањето, беа прогласени за народни херои на Македонија. Таков беше случајот и со Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски – Питу и многу други истакнати борци за ослободување на Македонија.
Ние не можеме да прифатиме заедничка одговорност за стрелањето цивили, и тоа без каква било вина, дури и на младинци како во Ваташа, потоа во тиквешките села Шивец, Возарци, Трстеник и други села, како и за стрелањето на македонски цивили во Гевгелиско, Струмичко, Кумановско, Прилепско и во други региони во Македонија.
Македонскиот народ во тие настани е жртва и не градел и остварувал заедничка историја со бугарскиот народ. Македонците, само во случајот на Конско, Гевгелиско, остварија заедничка историја кога македонските партиски раководители успеаја да се договорат со бугарските фашистички војници во Конско да пребегнат кај македонските партизани.
Тие 6о пребегани бугарски војници на чело со командантот Дичо Петров и политичкиот комесар Труфин Рангелов – Балкански, двајцата Бугари, го формира првиот партизански бугарски батаљон „Христо Ботев“. Таа прва бугарска партизанска единица потоа отиде во Бугарија да го шири партизанското движење. Тоа беше вистински пример на правење заедничка ослободителна историја од фашизмот на Бугарија и Македонија.
Не можеме да прифатиме дека заедно сме го организирале убивањето на ваташките младинци. Со Бугарите тогаш не сме правеле ништо што било „наша заедничка борба“. Нашата борба била за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор. А, кога некои наши политичари велат дека имаме заедничка историја во целиот 20 век до 1945 година, не водат сметка дека во таа „заедничка историја“ го ставаат и АСНОМ!?
Зарем навистина, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, заедно, претставници на македонскиот и бугарскиот народ се собраа и ги донесоа одлуките за основање на македонска држава. Тоа е невистина, тоа се тешки заблуди!
Во 21 век сме. Ни се случувале тешки и опасни работи во минатото како народ. Очекуваме тоа да биде почитувано и од ЕУ и од нашите почитувани соседи. А заедно да се свртиме кон Европа.