Вмровскиот дискурс во одлуките на Судот

by Фокус

Судот во изминативе два дена донесе две одлуки кои кај дел од јавноста беа протолкувани како директно влијание на власта врз судството. Првата е вчерашната одлука на Основниот суд Скопје 1 за отфрлање на бомбите од опозоцијата како докази против Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкуловската. Втората е потврдата од Апелациониот суд за одлуката на Основниот суд Скопје 2 со која на телевизија Телма и се наложува да ја врати Емилија Лазаревска на нејзината поранешна фукција – одговорен уредник на информативна програма.

Одлуката дека Судот ги отфрла доказите против осомничените Груевски, Јанкуловска и Мијалков беше обзнанета преку соопштение. Во официјалното соопштение на Основниот суд Скопје 1 се наведува дека барањето на адвокатот на осомничените да се отфрлат снимените разговори како докази бидејќи биле незаконски прибавени, е уважено.

Основното јавно обвинителство(ОЈО) до Судот доставило 27 оформени предмети со прилог електронски записи снимени на ЦД-а и транскрипти во секој од предметите, наведувајќи дека за наведените осомничени лица ОЈО Скопје нема побарано примена на посебни истражни мерки – следење на комуникации.

-Постапувајќи по барањето и ценејќи ја единствено законитоста на доказите без впуштање во содржината на постапката која ја води Јавното обвинителство, а имајќи го во предвид писменото известување добиено од ОЈО – Скопје, судија на претходна постапка го уважи барањето за издвојување на аудио записите содржани на ЦД и траснкрипти од истите како доказ од списите на предметите, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Втората одлука која кај јавноста ги подгреа сомнежите дека владејачката партија не се откажува од влијанието врз судството и покрај сите забелешки и предупредувања од Европската комисија потенцирани во  Извештајот на Прибе, е наложувањето од страна на Судот Телма да ја врати поранешната уредничка. Апелациониот суд ја потврди одлуката на Основниот суд Скопје 2 со која на телевизија Телма и се наложува да ја врати Емилија Лазаревска на нејзината поранешна фукција. Претходно, телевизија Телма ја смени Лазаревска од позицијата и на нејзино место го постави сегашниот директор и уредник, Атанас Кировски, а таа беше распоредена да работи како репортер во утринска програма.

Од Телма реагираат дека одлуката на Судот е директна интервенција во уредувачката политика на телевизијата и со неа се загрозува правото на сопствена уредувачка политика, што е во директна спортивност на Законот за медиуми и македонскиот Устав.

Кога на случувањата од последниве два дена ќе се додаде и замрзнувањето, па одмрзнувањето на сметките на компанијата Макпетрол, се создава впечаток дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од влијанието врз судството. Напротив, како да сака да демонстрира сила и да покаже дека се уште ја има моќта.

Катерина Смилева

 

 

Поврзани новости