Вмровскиот диктат

by Фокус

СДСМ и да успее да направи влада, ќе биде за џабе во однос на нашите евроинтеграции. ВМРО-ДПМНЕ пак ќе ги облече оловните опинци, ќе се залепи за подот на собраниската сала, ќе блокира и повторно ќе нема двотретинско мнозинство за измените на Уставот.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Почна конечно и официјалната предизборна кампања. Издишана работа, заморна, валкана, лицемерна, веќе видена.

Главната тепачка е на 8 мај. Оваа во април, првата рунда од претседателските избори, за нас Македонците е речиси извесна. Стево Пендаровски е фаворит.

Умерен политичар, доволно млад, доволно искусен и доволно издржлив да се носи со комплексот на пониска вредност наметнат врз добар дел од македонското население, кое сѐ уште не сфаќа дека ги има сите државнички предуслови за да се чувствува и достоинствено, и гордо и непонижено.

Човекот се разбира од политика и има јасна визија за Македонија; како најбрзо да се изоди патот кон ЕУ.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе влезе во вториот круг, ама некако на мускули.

Конфузна е во политиките кои не одат баш рака под рака со национал-популистичкото милје на нејзината матична партија.

Од една страна се претставува како патриот кој не попушта пред уцените на евроатланските авторитети, а од друга страна сѐ туку се повикува баш на тие авторитети, на нивниот уставно-правен систем, на сите можни меѓународни конвенции и декларации.

Тоа ги збунува „тврдокорните“ кои милуваат да одат на „сѐ или ништо“.

Другите тројца кандидати за претседатели од македонскиот блок, Ванковска, Димитриевски и Јакимовски, се, всушност, бледа копија на ВМРО-ДПМНЕ  и, според мене, нема шанси некој од нив да влезе во вториот круг.

ДАЛИ ИМА НОВА ВЛАДА?

Сепак, оригиналот си е оригинал и тој си има стандардни претплатници еве веќе 33 години.

Интересна ќе биде разврската во албанскиот политички кампус, каде што уште отсега се насетува фаворитот, Бујар Османи.

ДУИ се освести од зашеметеноста по шлаканицата што ја доби од Таравари со неговата кандидатура за претседател.

Добро, со тоа на ДУИ конечно ѝ падна круната од главата, ама си ја задржа главата на рамена.

Присобра околу себе нешто преостанато од помалите албански партии, ги прибра двете турски партии, направи предизборна коалиција и некако се консолидира, пресоблекувајќи се во една нова поскромна варијанта на самата себе.

Како и да е, на осми мај ќе добиеме претседател или претседателка на државата.

Но, дали ќе добиеме влада? ВМРО-ДПМНЕ очекува победа, која, според анкетите на јавното мислење, е веќе загарантирана и се спрема да прави влада!

На прв поглед изгледа доста самоуверено и некако ми личи дека се крчка некој таен, „мајски“ договор со новите коалициони партнери од албанските партии за промптно менување на Уставот и внесување на Бугарите во него.

ПО ДИКТАТ НА МИЦКОСКИ

Добро, тоа нема да се случи „по бугарски диктат“, туку по диктат на Мицкоски, кој веќе се гледа во владиниот кабинет како премиер.

И сѐ ми се чини дека тој е спремен овој пат да гази до крај. Спремен е да голтне сѐ што ќе побараат неговите нови албански пријатели, кои се свесни дека ако не ја спроведуваат американската политика во однос на исполнувањето на двата меѓународни договора, Преспанскиот и договорот со Бугарија,  ќе ги јаде „бубата“ меѓу албанските гласачи,  кај кои нема шантрање ваму-таму кога се во прашање Американците.

Во секој случај на осми мај ќе имаме возбудлив изборен ден. Добро би било на тој ден да се изнедри влада, нова, стара, сеедно, доколку има договор да поминат уставните измени.

Доколку таков договор внатре во мешаната опозиција не постои, туку само јас си фантазирам, тогаш ќе биде густо. Угоре високо, удолу длабоко.

Еве, СДСМ и да успее да направи влада, ќе биде за џабе во однос на нашите евроинтеграции.

ВМРО-ДПМНЕ пак ќе ги облече оловните опинци, ќе се залепи за подот на собраниската сала, ќе блокира и повторно ќе нема двотретинско мнозинство за измените на Уставот.

Ќе го заборавиме „бугарскиот диктат“, ама со години ќе го паметиме „вмровскиот диктат“, кој нѐ сопнал на веќе трасираниот  пат кон Европа.

Поврзани новости