Директорот на депонија Дрисла, Јане Мицевски си заминува од позицијата. Тој оваа информација на јавноста ја соопшти преку својот Фејсбук профил, во кој истакна дека со градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, како што напиша, не се соработувало.
„Како директор на депонијата Дрисла сакам да посочам дека во овој десет месечен период откако го превземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие потркепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек.
Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача.
Дополнително Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради, сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на Дрисла“, вели Мицевски.
Тој претходно беше носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Сопиште