Си заминува и директорот на ЈП Градски паркинг

by Fokus

В.д. директорот на ЈП „Градски паркинг“ – Бојан Христовски денеска на Фејсбук сподели дека се повлекува од раководната позиција во претпријатието.

„Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за вд директор во ЈП Градски паркинг Скопје. На 13 јануари, оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција.

Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие.Но сепак морам да истакнам дека градот Скопје е комплексен систем на институционално управување во кои се испреплетени повеќе фактори. Тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните.

Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“. Значи тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот.

Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје“ , напиша Христовски.

Поврзани новости