Премиерот Зоран Заев, на почетокот на изградбата на хидросистемот Конско кај Гевгелија, рече дека оваа капитална инвестиција директно го подобрува квалитетот на животот на граѓаните.
-Задоволството е уште поголемо кога се најавува реализација на дамнешна желба и потреба на граѓаните од овој крај која е стара речиси 40 години – рече Заев, додавајќи дека тоа ќе значи реализација на нивната долгогодишна потреба и желба за навремено снабдување со чиста и здрава вода за пиење, вода за наводнување, но и вода за спас на Дојранското Езеро.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека ова е уште еден проект изготвен од претходната влада ВМРО-ДПМНЕ со кој се фали акеуелната влада на СДСМ.
„Проектот во фаза на подготовка беше завршен од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во период 2010-2015, во кој период беа завршени сите фази од основен проект, студии за оцена на влијание врз животна средина, па се до избор на најповолен изведувач. Отпочнувањето на изградбата на браната Конско е уште една потврда за правилната политика водена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено и потврда дека СДСМ ја лажеа и манипулираа јавноста пред две години, кога го оспоруваа овој проект и велеа дека бил воден во криминална постапка“, соопштија од опозициската партија.