Актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, на претстојните локални избори ќе се натпреварува за уште еден мандат како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дознава Фокус. Јанчев одби да ја коментира оваа информација додека, како што изјави, не биде официјално потврдена на партиските органи.
Неофицијално, тоа се очекува да се случи во текот на денешниот ден, кога, исто така, ВМРО-ДПМНЕ треба да донесе одлука за поддршка на Даниела Арсовска, која пред неколку дена објави независна кандидатура за градоначалник на Скопје. Воедно, опозициската партија треба да потврди решенија и за повеќе други општини.
Инаку, на последните локални избори Јанчев беше еден од неколкумината кандидати на ВМРО-ДПМНЕ кои станаа градоначалници. Веднаш потоа, тој стана и еден од тројцата потпретседатели на опозициската партија, меѓутоа за кратко време ги наруши односите со партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Како што е познато, несогласувањата меѓу нив кулминираа во пресрет на референдумот за уставните измени. Тогаш, Јанчев застапуваше став активно да се учествува во процесот, односно да се излезе на референдумот и да се „против“ Преспанскиот договор, додека Мицкоски беше за бојкот.
На крајот, Јанчев се повлече од партиските функции, но сега повторно ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за уште еден градоначалнички мандат. Во спротивно, тој ќе настапеше како независен кандидат, при што, според анкетите, повторно ќе беше фаворит за победа.
Во слична ситуација, владејачкиот СДСМ беше во Куманово, каде актуелниот градоначалник Максим Димитриевски имаше најголем рејтинг во споредба со конкурентите. Но, партијата калкулираше дали повторно да го поддржи, поради тоа што во изминатиов период ја критикуваше Владата, а влезе и во конфликт со министрите Оливер Спасовски и Венко Филипче.
Сепак, Димитриевски одлучи да не ја чека партиската одлука и да поднесе независна кандидатура. Партиски извори велат дека тој бил свесен дека нема да добие поддршка за уште еден мандат, но очекувањата оделе во насока дека, по примерот на негови други колеги, ќе го поддржи новиот кандидат и во следниот период да преземе одговорност во извршната власт.
Уште еден од поголемите центри каде СДСМ ја одложува конечната одлука е Струмица. Актуелниот градоначалник Коста Јаневски има многу повисок рејтинг од другиот претендент Коста Костадинов, меѓутоа, велат нашите соговорници, покажал слаби менаџерски способности и реализација на капитални проекти, поради што има дилеми за конечната одлука.
Влатко Стојановски