Понудената оставка на министерот за здравство, Венко Филипче е изнудена поради притисокот од народот, смета опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тврди дека одбраната на Филипче по социјалните мрежи е поради партиски инструкции.
-Народот не сака театар од Заев, сака оставка за да има објективна истрага. Истрагата може да биде објективна само ако и Филипче, и Артан Груби и Заев си дадат оставка за да нема политичко влијание во самата истрага во која згаснаа 15 животи. Заев да не се крие, туку да излезе и даде одговори. Молкот внесува недоверба и покажува дека се заташкуваат и прикриваат докази, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката СДСМ, пак тврди дека поддршката за Филипче е огромна и реална и ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за нечовечко партиско профитерство и некрофилност во денови на жалост.
-Додека цела држава жали ВМРО-ДПМНЕ монтира и шири лажни вести за министерот Венко Филипче. Работата и посветеноста на Венко Филипче и неговите дела се препознаени од граѓаните и ниту еден фотошоп и манипулации не можат да го избришат тоа. Јавноста уште еднаш сведочи на нечовечно некрофилско однесување на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски. ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски се извор на лажни вести, посочени и во студија финансирана од ЕУ, се вели во реакцијата на СДСМ.
Филипче понуди оставка, сега се очекува одлука на премиерот Зоран Заев дали ќе ја прифати.