ВМРО обвини дека се кријат 4 милиони долари од продажба на апартманот на Тито во Њујорк, МНР демантира

by Фокус

Уште еден скандал на повидок со амин на СДС и одобрување од страна на Бујар Османи, тивко се кријат 4 милиони долари пари што и припаѓаат на Македонија и на Македонците, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

-Апартманот на Тито на Парк Авенија во Њујорк беше продаден пред повеќе од една година. Во процесот на сукцесија односно поделба на имотот на сите 6 републики од бившата држава, на Република Македонија и припаднаа 4 милиони американски долари од оваа продажба. 3,4 милиони долари веќе се префрлени на сметката на Постојаната мисија на Македонија при ОН уште минатата есен, додека останатите 600.000 се очекуваат секој момент да се вратат на Македонија. Според информациите, амбасадорот Љубомир Фрчкоски и покрај неколку инструкции од МНР, една во декември, а другата во јуни годинава, парите да ги префрли во буџетот на државата, тоа одбива да го направи и ги држи на сметката од Мисијата – рече Стоилковски.

Тој праша какви инструкции има амбасадорот Фрчкоски за трошење на државните 4 милиони долари, дали овие пари се планирани за купување на имот и потенцијална матна зделка, зошто Ковачевски молчи кога најверојатно е информиран за сето ова?

Денешните паушални обвинувања на партијата, кои се без никаква основа, претставуваат уште од серијата манипулации создадени во фабриката за лаги на ВМРО-ДПМНЕ чија работа сѐ повеќе се засилува, реагираа од МНР.

„Средствата од заедничката продажба на објектот на Мисијата на поранешна СФРЈ при ООН се делумно префрлени на сметката на Постојаната мисија во Њујорк, а соодветно на локалните правила и продажните услови, наскоро се очекува да биде префрлен и преостанатиот износ со што ќе се заокружи целата купопродажна трансакција согласно договорот. Согласно правилата дефинирани од адвокатската канцеларија, сѐ додека не биде префрлен целиот износ не може да се врши парцијален трансфер на средства во буџетот на земјава, имајќи предвид дека токму остатокот кој треба да биде уплатен воедно претставува и гаранција за уплата на данокот од страна на купувачот на имотот на поранешната СФРЈ“, стои во реакцијата.

Поврзани новости