Сите започнати судски процеси и оние што допрва ќе се отворат, а се во врска со содржините на прислушуваните разговори, треба да се завршат со првосилна пресуда, а потоа врз тие лица да се примени мерката амнестија како милост од државата, реагираат од ВМРО-НП. Според нив, на овој начин граѓаните на Македонија ќе имаат целосен увид за тоа кој и во колкава мера и наштетил на државата што ќе биде поголем срам и казна за нив, отколку самата судска пресуда.
– ВМРО-Народна партија пред година и половина беше иницијатор за донесување на закон за амнестија низ собраниска процедура. За сето ова време иако жестоко критикувани, продолживме да го браниме овој став, затоа што бевме убедени дека кризата на крај ќе заврши со амнестија која ќе е далеку понеправедна и селективна, а за која опоменувавме во повеќе наши соопштенија. Ние ги разбираме намерите на претседателот Ѓорги Иванов, меѓутоа начинот и формата на неговата лична одлука, не соодејствува со состојбите што ги имаме денес – се наведува во соопштението од партијата.
ВМРО-Народна партија, потсетува дека бараше Закон за амнестија донесен во Собранието на Р.Македонија со претходна целосна согласност од четирите најголеми политички партии, која ќе се однесуваше само за кривични дела од сферата на изборните нерегуларности и за осудени лица со полесни кривични дела.
– Цениме дека во тоа време, помирувањето беше многу полесно изводливо, отколку денес за кое задоцнето се залага Иванов и речиси претставува невозможна мисија. ВМРО-Народна партија смета дека дополнително влошената политичка криза од емитувањето на содржините на бомбите, покажа дека актуелните политички лидери немаат капацитет за решавање на кризата и затоа беше неопходна меѓународна посредничка интервенција што резултираше со Пржинскиот договор. Една од главните точки на договорот беше формирање на Специјално јавно обвинителство кое почна со работа, а со овој личен акт за помилување од Иванов, целосно ќе биде суспендирано, што може да предизвика реакција од меѓународната заедница за целосно изолирање на Р.Македонија – се вели во реакцијата на ВМРО – НП.