ВМРО-НП предупредува за проблемите во скопското училиште „Арсение Јовков“

by Фокус

ВМРО-НП од надлежните и посебно од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, бара да се прикаже вистинската состојба во училиштето „Арсение Јовков“, бидејќи во спротивно може да се прошири и да добие на интензитет.

Оттаму велат дека со внимание ги следат новинарските коментари на телевизија Алсат, за состојбите во училиштето „Арсение Јовков“, во скопската општина Бутел, а се однесува на бројот на учениците и нивната етничка припадност.

Телевизија Алсат тврди дека во десетте македонски паралелки учат во просек помалку од 20 ученици, а две паралелки дури воопшто и не постојат. Згора на тоа, голем дел од учениците што учат на македонски наставен јазик се Албанци, Турци и од други етнички заедници. Од друга страна, се укажува на несоодветни услови за изведување на наставата во шестте паралелки на албански наставен јазик, каде што учат по повеќе од 40 ученици во паралелка.

Исто така, се наведува дека барањата на родителите Албанци за надминување на оваа неповолна и вештачки создадена ситуација за нивните деца, редовно се игнорираат од страна на училишниот одбор, директорот, градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски и како најповикан градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– ВМРО-Народна партија предлага доколку постојат вакви и слични состојби во други училишта низ Македонија, да не се прикриваат од локалните власти. Само со вистинско презентирање на бројот на учениците, нивната етничка припадност и подеднакви услови за сите ученици, може да се доведе до разрешување на проблемите на задоволство на сите засегнати страни. Во спротивно, криво прикажаните демографски состојби, движења и насоки во Македонија, можат да бидат искористени за незаслужено фаворизирање на нечија етничка доминантност, што по правило носи несакани последици за иднината на државата. Колку побргу станеме свесни за сето ова, толку подобро за нас – велат од партијата на Љубчо Георгиевски.

Поврзани новости