Во почетокот на декември беше поставен споменикот за кој владата тврдеше дека нема поим кој го поставил. Овој чин, за разлика од Македонците, особено од силните патриоти во ВМРО-ДПМНЕ кои по традиција ги премолчуваат настаните поврзани со српските интереси во Македонија, реакцијата на Албанците беше жестока. Истиот ден, дел од највисокото раководство на владеачката ДУИ, опремено со чекани, метални шипки и сајли се обидоа да го срушат. Со вакво соопштение денеска излезе ВМРО-Народна партија, која тврди дека е импресионирана од активностите на ДПМНЕ и ДУИ, дека успешно се приведува крајот на договорот за состав на идната влада.
– Еден таков приоритет само неколку дена по започнување на преговорите е решен. Експресно беше повлечено силното полициско обезбедување од специјалните единици на МВР, кој 24 часа во 4 смени во полна борбена готовност и борбени возила-хермелини, неколку месеци го обезбедуваше споменикот на цар Душан во центарот на Скопје. Ваквата реакција беше оправдана од сите Албанци, новинари, историчари, академици, колумнисти, политичари, затоа што владеењето на цар Душан на овие простори било одбележано со премногу пролеана албанска крв, тепање, раселување и прогонување, и дека нема да се смират додека контроверзниот споменик не биде отстранет од центарот на Скопје – се наведува во соопштението на ВМРО-НП.
Според нив, очигледно е дека српските историчари кои уште од порано го убедија македонскиот народ дека цар Душан не е поробител, туку обединител на овие простори, сега ги убедиле и Албанците да веруваат во тоа, така што веќе не постои ниту еден Албанец, на кој му пречи цар Душан.
– ВМРО-Народна партија како и секогаш предупредува дека подигнувањето на рејтингот на двете владејачки партии со создавање на контролирани меѓуетнички тензии, лесно можат да излезат од контрола и да се претворат во реални конфликти со несогледливи последици по сите граѓани – се наведува во соопштението од партијата.