НСДП: Исфрлањето на пратениците и новинарите на 24 декември, е првиот сигнал за губење на кандидатскиот статус на Македонија

by Фокус

Груевски знае дека селективно судење, оцрнувањето на се што не мисли како него, националистичката и шовинистичката реторика, омразата, целосната контрола на медиумите и драконското казнување на новинарите, блокада на демократските процеси, не се европски вредности, а тој масовно ги применува за да остане на власт. Ова се наведува во денешното соопштение испратено од опозициската НСДП, која го обвинува премиерот дека работи против европската агенда.

– Доколку Груевски е убеден дека работи на Европската агенда, воопшто не треба да гледа што прави опозицијата. Но, тој добро знае дека неговата и политиката на неговата Влада немаат ништо заедничко со европските вредности. Токму поради тоа причините за сопствениот и неуспехот на Македонија сака по секоја цена да ги пронајде кај некој друг – наведува во соопштението од партијата.

Според нив, и Груевски и македонската јавност добро знаат дека првото предупредување од Брисел за можноста за одземање на кандидатскиот статус на Македонија пристигна веднаш по исфрлањето на пратениците и новинарите од македонското собрание оној црн понеделник на 24.12.2012 година.

– После тоа се случија уште многу настани кои го доведуваат во прашање кандидатскиот статус на Македонија. По враќањето на пратеничките мандати на опозиционерите, лагите, триковите и блеферските потези на Груевски, се повеќе ќе доаѓаат до израз. Груевски допрва ќе скока, ќе се заканува и ќе ја замајува македонската јавност, злоупотребувајќи ги медиумите под негова контрола, но набргу и самиот ќе се увери дека на лагата и се кратки нозете.Нема да помине долго време кога македонската јавност самата ќе се увери дека “царот е гол“ – се наведува во соопштението од НСДП.

Поврзани новости