ВМРО-Народна партија е изненадена од изјавата на адвокатот на обвинетиот Верушевски за причините зошто мора стартот на закажаната судска расправа за случајот „Пуч“ да се одложи.
„Во изјава за медиумите, тој децидно потврди дека со договорот од Пржино, потпишан помеѓу четирите политички партии со поддршка од ЕУ и САД, не смее да се закаже судски процес за обвиненија поврзани со прислушкувањето, односно таканаречените бомби. Во прилог на ова оди и фактот дека се запрени сите истражно судски постапки и кон двете страни поврзани со овој скандал, дополнето со вчерашното експресно одложување од судот и однесувањето на сите инволвирани страни, вклучувајќи ги и обвинетите кои се во притвор, недвосмислено покажува дека таков договор постои, скриен од очите на граѓаните, премолчен и нетранспарентен, за кој јавноста ниту чула, ниту го видела“, се наведува во соопштението на ВМРО-НП.
Од партијата велат дека се залагале за институционална сеопфатна разрешница на овие состојби, со легална законска амнестија за сите засегнати лица.
„Убедени сме дека на ваков начин разговорите ќе се водеа во далеку порелаксирана атмосфера и со максимална конструктивност, што ќе придонесеше поставените задолженија и рокови од договорот, да бидат досега завршени, во интерес на сите граѓани на Македонија“, се додава во соопштението.
ВМРО-Народна партија жали што ваква, како што вели, нетранспарентна постапка може да создаде ситуација на селективна правда, наспроти нивниот предлог кој е во целосна согласност со основното уставно начело за еднаквост на сите граѓани пред законот.