ВМРО – Народна партија е загрижена од добиеното сознание за реакцијата на генерал Горан Стојков што ја упатил до владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ за време на изрекување на пресудите во врска со аферата ,,Шпион“. Според „народњаците“, Стојков истакнал дека е лично заслужен што успеал да пренасочи 60.000 гласови од ВМРО – Народна партија во ДПМНЕ.
– ВМРО – НП нема да се расправа за бројки, туку жестоко реагира на чинот, како воопшто е можно една политичка партија на власт, најбрутално да се впушти во ограбување на гласовите на друга политичка партија, во конкретниов случај ВМРО-Народна партија. Крајно резигнирани и зачудени од ваквата постапка, прашуваме зошто сите овие негативни дејства посебно се насочени против нашата партија? Дали заради тоа што ВМРО – НП е чувар и крепител на изворната идеологија, начела и принципи на историското ВМРО. Или можеби пак, заради тоа што нашата партија се профилира и е препознатлива дома и пред меѓународната јавност како единствена политичка партија со јасни ставови и конкретни предлози за разрешување на сите проблеми кои го попречуваат нашиот влез во евроатлантските интеграции и демократскиот развој на државата – се наведува во соопштението од ВМРО-НП.
Од таму додаваат дека заради овие застрашувачки сознанија кои до темел ги загрозуваат демократските процеси во земјава, тие бараат итно да реагираат надлежниte институции за докажување на вистината и истовремено да ја информираат јавноста. Според нив, премолчувањето на овој скандал ќе предизвика уште поголеми сомнежи во регуларноста на секои наредни спроведени избори од оваа власт.