Гаџа: Хулигани дивеат во Старата чаршија, а државата ги штити

by fokus

Група од 12-13 вандали веќе подолго време дивеат во Старата чаршија, а иако им се познати на институциите, никој не ги запира. Со вакво обвинување денеска излезе Емин Гаџа, менаџер и татко на пејачот Адријан Гаџа.

„На најголемиот муслимански празник Бајрам, во саботата, десетина хулигани влегоа во нашето кафуле „Гаџа бар“ со палки, при што го демолираа локалот, а и го повредија мојот бизнис партнер. Истата група постојано прави проблеми во локалите низ Старата чаршија, каде е и мојот локал. Мене ми е веќе доста. Јавно барам оваа правна држава да се справи со нив, оти нив некој постојано ги заштитува,  обвини Гаџа.

Тој објасни дека хулиганите се на возраст од 20 до 30 години, а според него нивните ликови добро и се познати на полицијата, бидејќи биле снимени на безбедносните камери во кафулето.

„ Јас сум првиот од чаршијата кој јавно проговара за овој голем проблем. Јас сакам да го заштитам угледот на Албанците и опстанокот на нашиот бизнис од тие што прават проблеми. Сите се повикуваат на верата. Ако е така, како е можно на најголемиот муслимански празник оваа група вандали да предизвика ваков голем инцидент? Познатиот албански пејач Синан Хоџа, кој дента требаше да пее во локалот, си замина зачуден од ситуацијата, кога тие влегоа и го кршеа инвентарот и прозорците. Јавно прашувам кој стои зад нив?“, прашува Гаџа.

Тој бара надлежните институции да си ја завршат својата работа и да ги запрат вандалите, за кои се сомнева дека некој ги штити.

„Барам МВР да си ја заврши работата и тие да одговараат пред законот. Тие мора да одговараат. Ако законски не успееме, тогаш ние ќе се организираме на свој начин- вели Гаџа.

 

Поврзани новости