До кога ќе трае колективното лудило на градоначалниците од владеачката ВМРО-ДПМНЕ кои ангажираат контрoверзни пеjачи од српската естрада за многу високи хонорари, а по повод прославите што на некој начин го обележуваат идентитетот на македонскиот народ? Ова прашање на адреса на владејачката партија го упатија од ВМРО-НП преку својата комисија за заштита на идентитетот и културното наследство на македонскиот народ.
– Врв на глупоста е синоќешниот настап на Аца Лукас на пастрмајлијадата во Штип, градот во кој се родени тројцата најголеми лидери на изворното ВМРО, кои до 2003 година цел век беа на чело на партијата. Затоа, комисијата одлучи годинешнава престижна награда ,,златна шајкача 2014“ да му ја додели на градоначалникот на Штип, Илчо Захариев. И тоа, не како досега доделените, туку ,,парадна златна шајкача“ која годинава за првпат е востановена за посебни заслуги за ширење на србоманството во Македонија – се наведува во соопштението од ВМРО-НП.
Според нив, такви шајкачи носеле српските офицери на парадите што се одржувале пред офицерскиот дом во Скопје, за време на српската окупација на Македонија.
– Сопартијците на Илчо Захариев го враќаат во полн сјај и потполно автентичен, за да ги потсетува граѓаните на Македонија на тие не така дамнешни времиња. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ се претвори во силна четничка организација, која има за цел асимилација на македонскиот народ како српски. Комисијата упатува остра критика и до македонските пеачите кои се согласиле да бидат само декор во претставите на Аца Лукас и Жељко Јоксимовиќ, кога е општо познато дека пеат многу подобро од нив – продолжува понатаму во соопштението.