Со големо разочарување, но за жал и очекувано, го примивме ригидното НЕ од страна на Европската Унија за одредување на датум за отпочнување на преговори со Р.Македонија, известија преку соопштение од ВМРО-Народна партија. Според нив, власта никогаш не ги сфатила сериозно нивните понудени конструктивни предлози и сугестии за разрешување на политичките прашања, кои го попречуваат членство на Македонија во ЕУ.
– Постојано укажувавме дека со секое одложување на преговорите за Македонија ќе биде отежнат патот кон ЕУ со нови дополнителни барања, што ќе предизвика долгогодишна изолација наместо членство во елитниот европски клуб каде што токму денес се распределуваат 315 милијарди евра за земјите членки на ЕУ. Ја повикуваме Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да и објасни на македонската јавност како успеа да ја искомплицира внатрешно политичката ситуација во Македонија до таа мера, за да нашето членство во ЕУ стане речиси невозможна мисија – се наведува во соопштението од ВМРО-НП.
Тие, исто така прашуваат, како при првата препорака единствен услов бил нерешениот проблем со името, а сега, после шестото НЕ од страна на ЕУ, доминирале неисполнети услови со внатрешно политичка содржина?
– Назадување во развојот на демократските процеси, изедначување на партијата со државата, партизирано и селективно судство, апсолутна контрола врз медиумите од страна на Владата, немање на политички дијалог помеѓу позицијата и опозицијата и што е најважно нарушените меѓу етнички односи. Ние воопшто не сме изненадени, што после сите негативни внатрешно политички процеси и погрешна надворешна политика, Европската Унија по се изгледа не врати на стартни позиции во преговорите еднакви со државите што го имаат стекнато статусот за асоцијација и стабилизација со ЕУ – се наведува понатаму во соопштението.