ВМРО-Народна партија очекува жестока реакција од Синодот на МПЦ за крајно негаторскиот однос на братските православни цркви на Русија и Србија, кон МПЦ. Според „народњаците“, ваквиот дециден став на рускиот Патријарх ги демаскира сите заговорници од власта и нејзините медиуми дека заради одбраната на идентитетот треба да се определат за Русија како наш иден стратешки партнер, со Србија како наш главен лобист.
– На големо наше разочарување немаше никаква реакција и од страна на официјалните власти во одбрана на правата на православните македонски верници, претставени од МПЦ.Имено, рускиот Патријарх на средбата со српскиот Патријарх, недвосмислено порача дека МПЦ е неотуѓив дел од СПЦ. Како потврда на ова следеше и официјална средба со претставници на непризнатата црква во Македонија, Православната Охридска Архиепископија на расчинетиот владика Вранишковски. Дополнително, поканата на ПОА да учествува на богослужба заедно со руски и српски православни свештеници во сослужение чиноначалствувано од рускиот Патријарх и српскиот поглавар, канонски ја определуваат позицијата на ПОА за нивна братска православна црква – се наведува во соопштението од ВМРО-НП.
Од партијта тврдат дека тие постојано укажуваат на сите провокации и негирања што доаѓаат од Србија, кои по правило не наидуваат на никаква осуда од страна на власта.
– Премолчувајќи го и овој голем скандал, кој значи директно негирање на македонскиот идентитет, свесно нe фрла во прегратките на Србија. И за крај, дали огромниот порив на симпатии од власта кон Србија, ќе оди до таму да резултира со дистанцирање од МПЦ и приближување кон ПОА – се наведува понатаму во соопштението.