ВМРО и СДСМ не можат да се договорат околу ДИК

by Фокус

Двете најголеми политички партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска се обвинија дека „другата страна“ е онаа која не сака договор околу персоналните решенија на Државната изборна комисија.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ брифираше дека неговата партија експресно ги прифатила предлозите на социјалдемократите, но опозиционерите го одбиле предлогот на албанските ДУИ и ДПА во последен момент, со образложение, според него, дека експертот-Албанец бил вмровец.

– Тоа е очигледно намера на СДСМ да не се постигне договор за ДИК. Ние принципиелно стоиме на тоа дека доколку албанските партии се согласат во нивниот избор и го поддржат и двете партии, ние ќе стоиме зад изборот – рече Димовски.

Претходно, Дамјан Манчевски од СДСМ пред новинарите рече дека закочен е процесот за избор на членови на Комисијата поради, како што кажа тој, барањето на владејачката партија тие да се избираат надвор од европските стандарди.

– Се карикира целиот договор и тотално се партизира експертската група, со наметнувањето од ВМРО – ДПМНЕ, за избор на членови во ДИК како експерт да се предлага некој кој всушност бил набљудувач во избирачки одбор – посочи Манчевски.

Поврзани новости