ВМРО и ДУИ се борат за член повеќе во собраниската комисија за избори и именувања

by Фокус 15:38
15:38

Откако пратениците на СДСМ и албанските партии покренаа иницијатива претседавачот на конституитивната седница Трајко Велјановски да свика продолжение на седницата, со цел да се комплетира конституирањето парламентот со избор на претседател и членови на собраниските тела, прв следен предизвик е формирање на парламентарната Комисија за избори и именувања, која, меѓу другото, предлага состав на постојаните и повремени работни тела и делегации на парламентот.

Формирањето на оваа комисија всушност е трета точка на првата собраниска седница по декемвриските парламентарни избори, на која се верификуваа мандатите на пратениците, но конституирањето на комисијата и изборот на претседател на законодавниот дом не дојдоа на дневен ред, бидејќи политичките партии беа далеку од договор за формирање на парламентарно мнозинство, односно на нова влада.

Според партиски извори, формирањето на комисијата, која треба да има 13 члена, ќе оди тешко, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ инсистира од оваа партија да доаѓаат 6 члена, при еден од нив би бил претседател на комисијата, додека СДСМ да номинира 5 члена, а ДУИ и БЕСА по еден член.

-ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија треба да има најмногу членови во комисијата како што има најмногу пратеници во парламентот – сметаат од ДПМНЕ.

Меѓутоа, со оваа поделба не се согласува ДУИ, од каде стојат на ставот дека тие треба да имаат еден член повеќе на комисијата за сметка на ВМРО-ДПМНЕ, односно ВМРО и СДСМ да имаат по 5 члена, ДУИ два, а БЕСА еден.

-Така би било најисправно, бидејќи ДУИ освои многу повеќе гласови во споредба со БЕСА, и во апсолутна и во процентуална смисла, отколку што освои ВМРО во однос на СДСМ – вели висок функционер на „интегративците“.

Доколку партијата се избори за два члена на комисијата, тие ќе го имаат главниот збор при одлучувањето, со оглед дека во таква ситуација ВМРО и СДСМ би имале сооднос на паритетна основа, а едниот член на БЕСА не би правел никаква разлика.

Инаку, од редовите на ДУИ треба да дојде и новиот собраниски спикер, а како најсериозен кандидат се споменува Талат Џафери.

В.С.

 

Поврзани новости