Заев и СДСМ бесрамно ги злоупотребуваат македонските евроинтеграции за да го оправдаат капитулантскиот договор кој го потпишаа со Грција, со кој се откажуваат од се што е македонско, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев и СДСМ тргнаа во кампања за референдум за капитулантскиот договор, а се срамат да спомнат збор за заштита на Уставот, историјата, традицијата. Нема подобар доказ од тоа дека Заев се согласи да ги прифати грчките црвени линии со кои се брише името Република Македонија и се брише македонскиот идентитет. Заев молчи околу тоа како ќе се вика државата доколку му помине референдумот, дали ќе има македонско малцинство во Грција и македонски топоними“, велат од опозициската партија.
Во нивното соопштение стои дека власта се обидува да ги изманипулира граѓаните дека нивното криминално и расипничко работење е работа по европски стандарди.
„Држава во која вицепремиерот ненаситно секојдневно си доделува државни тендери во неговите фирми за СДСМ е европски стандард. Злоупотреба на државните ресурси од страна на власта за политички цели и настани кои граѓаните не даваат поддршка за СДСМ е европски стандард. Почеток на учебна година во која илјадници ученици во државата ќе ја почнат без учебници за СДСМ е европска вредност. Доделување на крвави тендери и грантови на роднини на функционерите на Владата и партијата на власт, за СДСМ е европска вредност. Држава во која премиерот е два пати аболициран и целата јавност го виде како бара мито, за СДСМ е држава по европски стандард“, посочуваат од ДПМНЕ.
Од таму ги повикуаат сите граѓани да се придружат на денешниот на протестниот марш во Кичево со почеток во 13 часот.