ВМРО се уште ги крои пратеничките листи, можните носители веќе на терен

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ се уште ги подготвува листите со кандидати за пратеници на претстојните декемвриски избори, но со оглед дека лицата што беа кандидирани за пропаднатите избори веќе започнааа да водат неформална кампања, не би требало да има промени и изненадувања на носителските позиции.

-Моментално се прават анализи па пратеничките листи ќе ја минат внатрепартиската процедура и ќе бидат подготвени и доставени во законски утврдениот рок – изјави за Фокус Иво Котески, шеф на партискиот Центар за комуникации.

Доколку ДПМНЕ одлучи да истрча со истиот тим за влез во парламентот што го понуди за одложените избори од 5 јуни, тогаш првата изборна единица повторно треба да ја предводи партискиот лидер и довчерашен премиер Никола Груевски.

Понатаму, втората ИЕ треба да ја предводи шефот на дипломатијата Никола Попоски, третата координаторот на пратеничката група Илија Димовски, четвртата министерот за здравство Никола Тодоров, петтата пратеникот Антонијо Милошоски и шестата уште еден пратеник – Влатко Ѓоргев.

Инаку, деновиве се забележуваат засилени активности на терен на некои од претходно споменатите лица токму во региони и места кои спаѓаат во рамки на изборната единица каде еднаш веќе беа кандидидарани, со образложение дека собираат предлози и идеи за формирање на изборната програма.

Па, Димовски пред неколку дена го оствари посета на Велес, Штип, Пробиштип, Крива Паланка, Делчево, Кратово и други места, од каде најави дека неговата парија на следните избори ќе настапи со најобемна програма, како одговор на залагањата на опозицијата за двојазичност и редефинирање на државата.

Исто така, и Ѓорчев оддржува интензивни средби со граѓани во местата во шестата тетовско-гостиварска изборна единица, односно во тетовско, гостиварско, мавровско-реканскиот крај и други места каде живејат претежно Македонци, барајќи ја нивната поддршка за, како што вели самиот, 63 пратеници и стабилна влада.

Милошоски, пак, скоро ги посети Кичево, Битола, Ресен и други места кои се наоѓаат во неговата петта изборна област, каде говореше за намалување на невработеноста, за грижата на пензионерите и земјоделците итн.

За разлика од пратениците, далеку понеактивни на терен се министрите и вицепремиерите Тодоров и Попоски, кои во јавноста се споменуваат како можни наследници на Груевски на лидерското место во ДПМНЕ, но тие досега категорично ја отфрлија таквата можност.

В.С.

Поврзани новости