ВМРО е „за“ одземање на мандатите на опозициските пратеници, конечната одлука е во рацете на ДУИ

by Фокус

Вкупно 31 пратеник во периодот од 6 месеци меѓу 10 мај и 10 ноември оваа 2014 година не присуствувале на ниту една од 40-те пленарни седници, не учествувале во нивната работа и одлучување, а притоа не го оправдале своето отсуство.

Ова го изјави Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, во својство на претседател на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на кој се разгледува извештајот за отсуство на пратениците на опозицијата на чело со СДСМ, што е еден од основите за одземање на нивниот пратенички мандат.

– Непобитен факт е дека овие пратеници не присуствувале на ниедна пленарна седница, не учествувале во работата на истите и не го оправдале отсуството. Затоа нема дилема дека треба да им биде одземен мандатот – истакна Николовски на почетокот на седницата.

Ова собраниско тело може само да усвои заклучок, додека за одземање на мандатите на секој пратеник поединечно може да се одлучи само на пленарна седница со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници, односно со 82 гласови. Тоа значи дека 61-от пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, плус едниот на ГРОМ, се недоволни за одземање на опозициските мандати. Тука не им вршат работа ниту 7-те пратеници на ДПА, па неопходен е гласот на ДУИ, која контролира 20 пратеници, или точно колку што му требаат на поголемиот коалициски партнер.

– Комисијата само констатира фактичка состојба и не одлучува за одземање на мандатот. Има време до пленарна седница за да изградиме став како ќе гласаме. Дотогаш, ги каниме пратениците од опозицијата да се вратат во собранието – ни изјави Артан Груби, пратеник од редовите на „интегративците“.

Од опозицискиот сојуз на чело со СДСМ неофицијално велат дека не очекуваат да им бидат одземени мандатите барем до Нова Година, до кога Европскиот совет треба да одлучи за препораката за почеток на преговорите на Македонија со Брисел од страна на Европската комисија.

– Или одржувањето на седницата ќе се одолговлекува, или, пак, можеби ВМРО-ДПМНЕ демек од принцип да гласа за одземање на мандатите, а ДУИ да не гласа и ситуацијата да остане иста – коментираат извори од опозицијата.

Тие додаваат дека има различни мислења меѓу пратениците за тоа дали е подобро да се вратат во парламентот или да останат надвор од него, меѓутоа сите ја почитуваат конечната одлука, која во случајот подразбира бојкот на Законодавниот дом.

– Некои мислат дека тоа што стоиме надвор од собранието негативно се одразува врз нашиот рејтинг, некои, пак, го мислат токму спротивното. Јас припаѓат во втората група – вели нашиот соговорник, кој е еден од избраните пратеници за кој набргу ќе се одлучува дали ќе остане мандат, иако веднаш по изборите го врати пратеничкиот мандат.

Поврзани новости