Законот за двојазичност кој денес го изгласа парламентарното мнозинство е неуставен, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници не присуствуваа на денешната парламентарна седница на која мнозинство од пратениците го усвоија новиот закон за јазици.
„Со овој чин, власта покажа дека највисокиот правен акт – Уставот на државата, за неа е само мртво слово на хартија. Овој закон беше донесен со измама, односно лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување на закони од важност за интеграција на земјата во ЕУ. Власта треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните“, соопштија од ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека законот не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, туку ги продлабочува разликите и оди на штета на хомогеноста на македонското општество.
„Двојазичноста ќе креира хаос во правниот промет. Истата ќе создаде неефикасни институции кои ќе потонат во преводот помеѓу јазиците, наместо да бидат од реална полза за граѓаните и да работат во извршување на работата за која постојат. Законот ќе создаде паралелизам во сите институции како на централно ниво, така и на локално ниво. Два јазика – две архиви“, нагласуваат од опозициската партија.