Министерството за култура реагира по повод субвенциите за домашна музика: Се финансира шунд и се купува послушноста на одредени музички уметници!

by Fokus

Од Министерството за култура реагираат поради објавените списоци со имиња на музичари кои добиле субвенции за домашна музика, од страна на МТВ, и тврдат дека нивниот став останува непроменет, односно законот со кој годишно се доделуваат над 500 илјади евра субвенции, мора да се укине.

– Во врска со објавените резултати и одлуки на МРТВ по објавен Конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, Министерството за култура ја информира јавноста дека минатата година беа извршени јавни консултации со повеќе засегнати страни од кои произлезе заклучок дека Законот треба да се укине. Министерството за култура подготви предлог –закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го достави и побара мислење и од МРТВ. Во таа насока, на 27 декември Министерството за култура доби позитивен одговор од МРТВ, во кое се вели дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Со овие одлуки на МРТВ, објавени на 5 јануари годинава се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура. Во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. Факт е дека Законот е сѐ уште на сила и дека МРТВ засега постапува по него, сѐ додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине овој Закон. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТВ донесени во новата година на 5 јануари, за конкурси кои се поврзани со програмата и буџетот од минатата година, се валидни и во согласност со законските прописи.

Министерството за култура до Владата на РМ веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија. За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии. Речиси на сите објавени резултати по конкурсите, кои се инаку квартални во една година, имаше големи реакции во јавноста – дека се финансира неквалитет и шунд, и дека овие конкурси се уште еден клиентелистички механизам за купување на наклонетоста и послушноста на одредени музички уметници – информираат од министерството.

Од таму додаваат дека постојат голем број на механизми за развој и поддршка на домашната музичка индустрија, и како стимулирањето на домашната музика со државни пари во вид на субвенции за ѕвезди, врвни и истакнати изведувачи, таленти и останатите предвидени категории не покажало видливи резултати, квалитет или пак некој бенефит за музичката продукција во земјава.

Законот за доделување на субвенции за продуцирање на популарна македонска музика, забавна, народна и музика за деца започна да се применува од 2014 година. Конкурсите ги спроведува МРТ, а ги имаше четри годишно (април, јуни, септември, декември) за субвенционирање на 200 песни годишно. Во времето кога се донесе овој закон, министерка за култура беше Елизабета Канческа Милевска, која тогаш истакна дека причина за негово донесување е падот на продукцијата на квалитетна македонска музика во последната деценија.

Сепак, по секое објавување на имињата на субвенционираните пејачи и нивните композиции, во јавноста следеа низа критики. Се реагираше дека се наградуваат песни кои воопшто не се слушаат и не се популарни, а имаше и низа реакции околу изборот на наградените пејачи. Помеѓу наградените во текот на изминатите години се најдоа Александар Ристовски Принц во повеќе наврати, Ирена Спасовска, Роберт Саздов, Есма Реџепова, Елвир Мекиќ, Владо Јаневски, Кристијан Габроски, Ламбе Алабакоски и други. Тие добиваа суми од 3.000, па се до 4.500 евра, во категоријата ѕвезди. За музичкото творештво кое редовно е на мета на критики, Владата годишно издвојуваше по 512.000 евра, за 200 композиции, односно по 128 илјади евра за еден конкурс.

Објавата на списоците со одбиените и примените композиции и автори на официјалната страница на МТВ денеовиве предизвика револт кај народот. На социјалните мрежи се апелира наместо на музичарите, средствата во висина од 128 илјади евра да се пренаменат за лекување на болни лица и социјално загрозени семејства.

Вики Клинчарова

Поврзани новости