ВМРО-ДПМНЕ: Заев се откажа од македонското сонце и географските имиња

by Фокус

По вина исклучиво на Зоран Заев и СДСМ, идните граѓани на Македонија во учебниците ќе учат историја напишана од грчки научници, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

– Во членот 8 од капитулантскиот Договор се предвидува да биде откорнат, ископан, отстранет семакедонскиот симбол – Македонско сонце, предвидено е дека криминалната Влада на Заев ги прифаќа сите географски имиња. Историските македонските имиња и топоними да ги нарекува со грчки. Истиот член, прифатен со пенкалото на Заев, предвидува формирање на таканаречена „заеднички интердисциплинарен комитет“, кој што ќе изврши ревизија на било кои учебници и помошни наставни материјали, како историски карти, атласи, наставни упатства за да обезбеди, како што се вели „ниту еден учебник да не содржи какви било иредентистички односно ревизионистички упатувања“ – рече Јанушев.

Иако тоа не беше дел од преговорите, вели тој, сега од македонската меморија ќе треба да се избришат Солун, Кукуш, Лерин.

-За почеток, тие ќе исчезнат од македонските учебници, македонските патокази од сите документи. Грчките географски поими ќе мора да ги користиме онака како што ги нарекува јужниот сосед. Откажувањето од топонимите е бришење на дел од културата и историјата на еден народ. Македонија ќе биде единствена која се откажува од своите егзоними. Солун ќе биде Тесалоники, Кукуш, родниот Кукуш на Гоце Делчев, за учениците од Северна Македонија ќе биде Килкис. Воден ќе биде Едеса. Кутлеш станува Вергина! Костур – Касториа! Сер – Серес! – изјави генералниот секретар на ДПМНЕ.

Поврзани новости