На прес-конференција од партиското седиште, членот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, ја прозва владејачката партија СДСМ за, како што рече, брутална партизација на органите на прогонот.
„Зоран Заев и владата предводена од СДС го покажаа своето вистинско лице. Врвен приоритет на Зоран Заев е ставање на правосудните органи целосно под негова контрола. Со вчерашното гласање на Советот за јавни обвинители паднаа во вода сите манипулации кои СДС ги ширеше во изминатиот период за партизираност во работењето на правосудните органи. Излезе на виделина и вистината и вистинските мотиви на Зоран Заев.
Операцијата што СДС ја прави во моментов не е поради некави реформи или подобрување на квалитетот во работењето на правосудните органи туку од една едноставна причина да бидат стопирани сите случаи кои се водат против нив пред јавното обвинителство“, изјави Илиоски.
Според Илиоски, партијата на Заев веднаш почна со чекори кои водат кон брутална партизација на органите на прогонот, бидејќи, како што кажа, Заев се надева дека ќе се спаси себеси од одговорност за криминалите. Покрај тоа, Илиоски додаде дека Заев има намера да инсталира партиски послушници кои беспоговорно ќе ги следат неговите нарачки за спроведување политички монтирани случаи.
„СДС наместо професионалец, за државен секретар во МВР ја именуваше Магдалена Несторовска, координатор на советничката група на СДС во Карпош“, рече Илиоски.
„На Зоран Заев му пречеше фактот што Јавното обвинителство водено од Зврлевски не потклекнуваше на политички притисоци и отвораше постапки за случаи како „Поткуп“. Јавното обвинителство покренуваше постапки и за изборни измами и манипулации со гласачите и за низа предмети во кои беше инволвирана Општина Струмица.
„Одговорност за случаите „Поткуп“, кирии, изборна корупција и слично мора да има. Јавноста очекува правдата да биде подеднаква за сите“, додаде Илиоски на прес-конференцијата.