Заев, Анѓушев и нивната „ќе“ влада и прават ненадоместливи штети на македонската економија. Додека целиот регион и цела Европа бележат раст на економиите, следејќи го глобалниот тренд, расипничкиот картел на власт ја уназадува државата и ги осиромашува граѓаните. Владата на Заев не знае како да се справи со предизвиците и проблемите во економијата, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Тие обвинуваат дека премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев не ја кажуваат вистината за инвестициите и дека тие се единствените во Македонија кои виделе инвестиции во Македонија.
„Никој друг не ги видел ни Гугл, ни Фејсбук, ни која било светска компанија да дојде и да инвестира во Македонија, иако Заев лажеше дека само што не почнале со работа. Впрочем, една фабрика да отвореа ќе ги преплавеа медиумите и социјалните мрежи со чочеци, како што го прославија отворањето на тунелот изграден во време на ВМРО-ДПМНЕ. Фактите друго говорат. Економската клима се влошува, а странските инвеститори се повеќе размислуваат да си заминуваат од Македонија. Картелот на власт за само една година успеаја да ја урнисаат целата економија. Македонската економија е во алармантна состојба, текстилниот сектор е пред колапс, градежништвото во слободен пад, земјоделието на колена, металургијата во изумирање, рударството се пакува. Вчера граѓаните му порачаа на Анѓушев дека избори се неопходни за стабилизирање на економијата, бидејќи очигледно е дека картелот на власт не знае да ја води државата. Граѓаните вчера покажаа колку се незадоволни од актуелната ситуација во државата“, велат од опозициската партија.