ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги погази државните и националните интереси

by fokus

Зоран Заев недостоинствено ги погази државните и национални интереси на Република Македонија. Зоран Заев одлучи да прифати промена на уставното име, да ја проблематизира националноста и да се откаже од историјата, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека Заев прифати отстапки и обврски само за Република Македонија.

-Зоран Заев планира со просто мнозинство да изгласа во Собранието штетен договор кој подразбира менување на Уставот за што е потребно двотретинско мнозинство. Пред само еден месец, Заев тврдеше дека барањата на Грција за проѓена на Уставот и називите на институциите се “обесчестување”. Сега без срам, од владината говорница најави дека на влезот ќе го сменел написот и ќе ја преименувал во влада на северна македонија, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека Заев повторно се обидува да ги манипулира граѓаните и капитулацијата во преговорите да прикаже како победа.

-Со овој договор Зоран Заев ги урниса темелите на државноста на Република Македонија и го загрозува долгоодишното право на самоопределување кое македонскиот народ го има стекнато. Обидувајќи се да ја излаже македонската јавност  Заев изјави дека со овој договор се зацврстува македонскиот идентитет, но за тоа веднаш беше демантиран од грчкиот премиер Ципрас кој на социјалните мрежи напиша дека договорот не ја препознава македонската нација. Заев покажа дека е човек кој ниту има достоинство ниту стои на својот збор. Со години манипулираше со македонската јавност дека никогаш нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, а за тоа дури и се колнеше во своите предци и деца, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека само што дојде на власт Заев си го погазил сопствениот збор и покажал дека се што ќе каже е лага.

-Ваквиот капитулантски исход е резултат на неспособната и неумешна дипломатија на Зоран Заев и неговите соработници. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи капитулацијата која Зоран Заев сака да и ја донесе на Република Македонија. Договорот нема да биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ затоа што е штетен и спротивен на највисоките државни и национални интереси. ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш стои на браникот и работи за државните и национални интереси и затоа нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име и ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства на овој капитулантски договор. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија кои не се согласуваат со овие погрешни политики на Заев и СДСМ и сакаат да се спротивстават на овој капитулантски договор да ни се придружат на протесниот марш кој што ќе се одржи во Битола во недела со почеток во 13 часот, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости