Делегација од Советот на Европа ќе ја посети Македонија за дијалогот со Грција

by fokus

Од 18 до 20 јуни во Скопје ќе престојува делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалог со Република Македонија.

Како што најави прес-службата на ПССЕ, пратениците Лиз Кристоферсен од Норвешка и Валериу Гилетчи од Молдова се очекува да се сретнат со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски, со членови на Парламентот, лидери на политички партии, со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, судии, претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и дипломатските претставници во земјата.

Во понеделник Кристоферсен и Гилетчи во Парламентот имаат средба со Бетиане Китев, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

Разговорите ќе бидат фокусирани главно на развојот на настаните по Извештајот од последната посета на претставници на ПССЕ во мај 2017 година со специјален фокус на судството, како и на генералниот напредок на земјата во насока на исполнување на обврските кон Советот на Европа.

Кристоферсен и Гилетчи ќе одржат прес-конференција за време на последниот ден од посетата на Скопје, на 20 јуни.

Поврзани новости