Само три месеци му беа доволни на СДС да го урниса македонскиот образовен систем, кој наместо да се движи по веќе трасираниот пат за напредок и развој, почна да ги губи вредностите кои ги достигна во изминатите години, а се резултат на вложениот труд и макотрпна работа на владата која ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, реагираа од опозициската партија на денешната прес конференција на министерката Дескоска.
-За три месеци не видовме ниту една мерка која СДС ја спроведе во интерес на учениците, нивните родители, наставниците, студентите, професорите и научниците. Напротив, само кратења, укинувања и стопирања. Средствата наменети за изградба на училишта, спортски сали, факултети и студентски домови, за печатење на книги и учебници, експресно беа намалени за 1,5 милијарди денари, кои, најголема е веројатноста дека ќе се алоцираат за изградба на станови за мигранти и бегалци. Стопирана е најкрупната образовна реформа која се имплементира со поддршка на престижниот британски универзитет Кембриџ и единиците кои функционираат во негов состав. Логиката на СДС е дека младите нема потреба да учат од нови, квалитетни учебници и наставни програми во кои се интегрирани најновите информации и светски научни достигнувања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, со дописите до претходната влада, Кембриџ јасно и недвосмислено оценувал дека континуитетот на реформата од основно образование во средно образование ќе овозможи учениците да го надградат напредокот кој го постигнуваат и ќе продолжи да ги развива нивните математички и научни вештини, особено во насока на решавање на проблеми и научно истражување.