Владеачката ВМРО ДПМНЕ, обвинува дека одредени телевизии и веб портали, „работеле по диктат на СДСМ“ , не отстапувајќи простор на ВМРО ДПМНЕ. Еве го целото соопштение:
„Вестите на Телма вчера беа отворени со 240 секунди временски простор во кој телевизијата грубо ги извртуваше партиските ставови на ВМРО-ДПМНЕ, за во понатамошниот тек на вестите да потроши дополнителни 240 секунди за промоција на ставовите на СДСМ. Во натпреварот кој ќе отстапи повеќе простор на СДСМ добро котираат и уредниците на 24 Вести, кои во 4 прилози одвоија 350 секунди за да го сатанизираат ВМРО ДПМНЕ , а во исто време да го воспеваат СДСМ.
Овие телевизии во текот на целиот период на вестите пласираат тези против ВМРО-ДПМНЕ, доследно следејќи го наративот на СДСМ. СДСМ и партиското раководство ги окупираат и топ-вестите по порталите финасирани од Сорос. Овие портали одамна наликуваат на партиски веб-страници на СДСМ.
Порталите како Плусинфо, Либертас, А1он, Фокус, Нова Тв и редица други кои се приматели на грантовите на Сорос, само за еден ден објавиле над 130 текстови во кои се воздига и промовира СДСМ, а околу 100 текстови во кои на најпримитивен начин и крајно неаргументирано се напаѓа ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се наруши угледот на партијата и нејзиното раководство.
Вчера на виделина излезе уште една вистина – сите спомнати телевизии и портали излажаа во ист тон и со исти наслови за убиството на старецот од Мариово, крајно непрофесионално дезинформирајќи ја јавноста дека зад еден ваков трагичен настан се крие политичка позадина. Ваквите лаги беа демантирани дури и од семејството на убиениот и од портпаролот на СВР Битола.
Кога имаат партиски насоки да се руши угледот на ВМРО-ДПМНЕ и да се пласираат манипулациите и лагите кои СДСМ ги шири, тогаш од професионалноста на овие новинари останува едвај само едно п.
Апсурдно и смешно е СДСМ да зборува за медиумски мрак, неизбалансирано известување и правична застапеност кога сите овие портали и телевизии во целост се однесуваат како партиски гласила на СДСМ.
Медиумите кои се квалитетни според тоталитарните стандарди на СДСМ не бираат начин како да го оцрнат ВМРО ДПМНЕ без факти и аргументи однесувајќи се крајно непрофесионално и погазувајќи ја медиумската етика во целост. Медиумите кои не се под диктат на Бихачка се прогласуваат за политички непријатели и против нив се организираат хајки.
Колку пари чини и на каков начин се плаќа ваквата промоција на СДСМ треба да стане предмет на интерес на истражните органи. Дали сите овие медиуми се регистрирани како медиуми, исто така треба да биде предмет на интерес на истражните органи. Тие треба да утврдат дали за медиумските мегафони на СДСМ важат истите закони како и за останатите граѓани, односно дали се исплаќаат пари за ваквата пропаганда на сметка или од црните фондови на СДСМ директно на рака.
Врв на лицемерие е кога СДСМ зборува за професионализам во медиумите. СДСМ сака целосна контрола врз медиумите. СДСМ сака сите медиуми да работат по урнек на овие кои без забелешки ги спроведуваат насоките и нарачките од Бихачка.
Тоталитарните идеи на СДСМ значат обид за воведување цензура, високи казни и одземање лиценци за медиумите кои СДСМ ги смета за свои политички непријатели.
Ваков однос кон медиумите како односот на СДСМ, има само во Северна Кореја и ИСИС“, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.