Фокус бара јавно извинување од ВМРО ДПМНЕ

by Фокус 19:03
19:03

Како медиум кој е меѓу „највозрасните“ во групата на медиуми кои владеачката партија во соопштение ги обвини за воспевање на опозицијата, а за сатанизирање на власта, ќе бидеме приморани да побараме јавно извинување од ВМРО ДПМНЕ за изнесените клевети и навреди.

Соопштението на ВМРО ДПМНЕ содржи низа на неточности, извртени факти и шпекулации, кои не би ги коментирале од едноставна причина што е провидна логиката на партијата сите медиуми во земјата да се стават во еден кош, во обид да се пресретнат преговорите за реформи во медиумската сфера. Но, тоа, како на потписници на Пржинскиот договор станува нивен, а не наш проблем.

- Advertisements -

„Фокус“ веќе дваесет години успешно опстојува на македонската медиумска сцена, како најтиражен и највлијателен политички магазин, во континуитет негувајќи уредувачка политика како добронамерен критичар на секоја власт во земјата, без разлика на идеолошкиот предзнак што таа го носи. И секогаш властите се обидувале да го стават во некакви партиски рамки, квалификувајќи го како близок до опозициските ставови. Така на „Фокус“ му се лепеле етикети и дека е „вмровски“ и „комуњарски“, иако дводеценискиот успешен чекор на медиумскиот пазар е најдобар показател дека никогаш не сме ги изневериле оние кон кои сме насочени, нашите читатели.

Задача на „Фокус“ ќе остане да го негува истражувачкото и аналитичкото новинарство, откривајќи многубројни корупциски и друг вид на скандали и афери, без разлика на тоа кој е на власт и какво е неговото мислење за медиумите. Нема да дозволиме да бидеме вовлечени во евтино политичко сценарио за создавање на црно бел свет, туку ќе опстоиме на новинарските стандарди и етички кодекси кои се дел од цивилизацискиот свет.

Во тоа во не не поколебале ниту бројните тужби и закани од секаков вид, а опстојавме и во периодот кога го доживеавме најголемиот удар, кога го изгубивме Никола Младенов. Наша обврска и кон основачот на „Фокус“ и кон читателите останува иста, да не отстапиме ниту буква од логото „За нештата да станат појасни“.

редакција „Фокус“

Поврзани новости