ВМРО-ДПМНЕ: Во време кога и во СДСМ се создава кластер на заболени, тие мислат само на партиски интереси

by Fokus

За едно деноноќие има 127 нови заболени и тројца починати, а Македонија е најнебезбедна земја во Европа по справување со епидемијата, со нив бројката надмина 3.150 заразени и за жал имаме 156 починати од корона вирусот, велат во партиското соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Во ваква ситуација СДСМ и Заев уште зборуваат за избори на 5 јули. Навистина срамно. Македонија е рекордер во регионот на милион жители и по број на заразени и по број на починати лица. Од друга страна веќе сме рангирани на 103-то место во светот, односно сме на листата на небезбедни држави по однос на справување со епидемијата. И самите граѓани во Македонија сметаат дека исклучително лошо се справуваме со епидемијата во однос на земјите во регионот кои бележат далеку подобри бројки во однос на Македонија, велат од партијата.

Според нив тоа не е доволно за СДСМ да се откажат од идејата да се одржат брзи избори со цел да се намали изборниот пораз и на тој начин да се спаси кариерата на Зоран Заев. Народот гледа дека наместо здравјето и животите на луѓето, битна им е политиката на Заев, Филипче и СДСМ кои пред две недели прогласија нова нормалност.

– Во ситуација кога и во СДСМ се создава кластер на заболени, кога носат мерки за карантин на поголемите градови, а нивните функционери заминуваат по викендици и хотели, Заев и Филипче размислуваат само на нивните партиски интереси. ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Ние велиме прво да се победи корона епидемијата, а потоа ќе биде поразена епидемијата на неспособност на оваа власт на Заев и СДСМ која за три години донесе хибриден режим, растечка корупција и криминал и сиромаштија во целата држава, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости