-Во изминативе 28 месеци, градоначалникот Никола Бакрачески и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ работеа на надминување на последиците од криминалните и штетни дејствија што во општината ги остави СДСМ и претходниот градоначалник Александар Петрески за што и одговара пред органите на власта. Минативе 28 месеци Власта на ВМРО –ДПМНЕ преку официјални ревизорски извештаи констатира долг од фантастични 50 милиони евра што на општината и Јавните претпријатија им ги остави раководството на СДСМ, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ Охрид на денешната пресконференција на ОО СДСМ Охрид.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и покрај тоа што морале да ги санираат штетите кој ги оставил претходниот градоначалник, сепак локалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за изминатите 28 месеци успеало да реализира „она што ретко која локална самоуправа во вакви неверојатни околности може да успее: 129 во целост завршени проекти и 58 проекти кои се во тек“.
-Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, донесе нов урбанистички план за локацијата за која што е предвидена градба на автобуска станица, ги прибави сите согласности од надлежните институции, спроведе транспарентна постапка согласно законот и обезбеди инвеститор на работите кој во наредните 2 до 4 години треба комплетно да ја изгради автобуската станица, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.