Фирма на семејството на премиерот Зоран Заев добила концесија за минерални суровини, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
-Според одлуката на владата на 6 октомври, Еленица, семејната компанија за цигли на Трајче Заев, на Вице Заев и на Катерина Бојовиќ Заева, доби концесија на цели 30 години за експлоатација на минерална суровина на локалитетот „Раборци“ во струмичко. Внимавајте, владата на Заев, им дава концесија на фирмата на бате Вице и на бате Трајче. Концесија за руда за следните цели 30 години, на семејната фирма на Заев. Ова е конфликт на интереси и класична злоупотреба, ова е класична приватизација на владата и на државните ресурси, целосна неетичност во водењето политики. Ова е безобразно, рече Стоилковски.
Тој повика Антикорупциска да испита дали има конфликт и злоупотреба. -Ако антикорупционерите тука не видат конфликт и злоупотреба, ако не гледаат влијание, и ако за ова ДКСК остане сокриена зад недоречености, тогаш слободно Антикорупциска нека се самораспушти, рече Стоилковски.