Минатата недела бројот на заразени се зголемил за над 86 отсто

by fokus

Во текот на минатата недела односно од 5 до 11 октомври Институтот за јавно здравје бележи драстично зголемување на бројот на новозаразени со корона вирус, а најмногу заразени има на возраст од 30 до 39 години, се вели во последниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Од 13.028 тестирања дијагностицирани се 2.243 новозаболени од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86,5 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија – 215,1/100.000, соопштуваат од Институтот.

Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 17.2 отсто или 5 отсто повеќе во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст од 30 до 39 години.  Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 години, потоа над 60 години и на крај во возрасната група од 50 до 59 години. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години и 10 до 19 години.

Како оздравени се водат 815 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29 повеќе, во споредба со претходната недела.

Пријавен е 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а  четири лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.

Поврзани новости