Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја обвини Владата дека сака да влијае во случајот „Рекет 2“ каде една од обвинетите е Јасна Мандиќ која беше дел од Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13, а беше и директорка во 1ТВ.
Влијанието, според Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, се врши на тој начин што во рамки на помошта за невладините организација, меѓу другите, владата доделила пари и на организацијата „Ресурсен центар“, каде во сопственичката структура се јавува и Мандиќ.
„Дали финансирањето на Мандиќ е со цел нејзино замолчување пред почетокот на судските рочишта за ’Рекет 2‘, а со цел отргање на вниманието од Зоран Заев и Вице Заев, кои вчера беа посочени како лица кај кои завршиле парите од ’Рекет‘?! Одлуката за тоа кои НВО ќе добијат дел од пола милионскиот колач е донесена во рок од два дена. Аплицирале 549 НВО-а, а пари добиле само 40, од кои е дел и НВО на Мандиќ. Рокот за аплицирање бил 6 дена, додека рокот за евалуација само 2 дена, односно од 11 јуни кога завршило аплицирањето до 13 јуни кога е одлучено кој ќе добие пари Ова е директен обид за мешање во кривичната постапка и влијание врз засегнатите“, рече Василевска.
Таа се повика, како што рече, на извадок од „Службен весник“ во кој се гледа дека невладината „Ресурсен центар“ добила 882.000 денари и на податоци од Централниот регистар во кој е наведено дека Мандиќ е заведена како сопственик.
ВМРО-ДПМНЕ бара да се истражи случајот, а Министерството за финансии да ја укине постапката за доделување на парите.