ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот работи на програма, со конкретни, реални и издржани проекти кои ќе бидат решенија за многу секојдневни проблеми на граѓаните, изјави денеска Димче Арсовски од партиското седиште.
-Ние нема да ветуваме брда и долини како СДСМ, кои само после една нецела година, повторно мора да ги лажат граѓаните дека всушност тоа што го ветиле, никогаш не го ветиле и нема да можат да им го овозможат на граѓаните да го добијат. Ние ќе понудиме мерка за намалено ДДВ на 2% за артиклите кои се најпотребни и најкористени од страна на граѓаните – најави тој.
Наместо зголемување на даноците, ВМРО-ДПМНЕ ветува дополнителни даночни олеснувања за сите компании кои ќе вложат во развој на нови работни места, како и намалување на акцизата за дизел горивата.
-Наместо стопирање на инвестициите во здравството, кое е резултат на неспособноста на оваа власт, ние ќе изградиме нов лик на здравството преку масовен пакет на реконструкции, изградба на нови болници и ќе вложуваме во нов медицински кадар. Ќе понудиме перспектива на младите и секоја учебна година ќе дадеме директна понуда за вработување на 500 студенти. Освен за студентите повисок стандард ќе обезбедиме и за образовниот кадар, кој за време на нашиот мандат ќе има покачување на примањата за 50%- рече тој.
Покачување, како што најави Арсовски, ќе има и на пензиите на пензионерите кое ќе достигне до 40%.
-Ова им го ветуваме на пензионерите, кои сега се загрижени. Нека не се грижат, заедно со ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе дојдат подобри времиња и за пензионерите. Ова се реални проекти и мерки, консултирани со народот и со голем број на експерти, но притоа и возможни, затоа што многупати се докажало дека со посветена работа тоа може да се постигне дури може и да се надмине. Граѓаните сега јасно гледаат дека ВМРО-ДПМНЕ има визија и е далеку подобра алтернатива од оваа ненародна и неспособна власт која што ја зароби нашата држава – порача Арсовски.