Уште колку човечки живот треба да згаснат за Оливер Спасовски да сфати дека е неспособен да го води МВР, праша денеска на прес конференција Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
-Уште колку крвави пресметки треба да се случат за Оливер Спасовски и СДС да престанат да ги штитат криминалните банди кои дивеат низ Скопје и државата. Скопје полека, но сигурно станува еден од најнебезбедните градови во Европа благодарение на Оливер Спасовски и неговите пријатели од криминалното подземје. Граѓаните се вознемирени бидејќи не знаат кога тие или некој близок може да станат жртва на мафијашките престрелки кои секојдневно се случуваат во Скопје. Наместо живот и слобода граѓаните станаа заробеници на сопствениот страв. Во Чаир во петокот целата јавност беше сведок на уште една брутална ликвидација на среде улица. Убиено беше едно лице, а уште едно со тешки повреди беше префрлено во болница. Убиецот повторно е на слобода, а на слобода се и неговите помагачи и нарачателите на овој крвав чин. За партиската полиција на Спасовски сеуште не е познат ниту сторителот ниту оружјето од кое е пукано, рече Нацев.