По изјавата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за Ал Џезеира, ВМРО-ДПМНЕ излезе со демант и го обвини Спасовски дека за аферата „Двојник“ се вади на техничкиот министер, Наќе Чулев и за манипулации.
И ВМРО-ДПМНЕ и Спасовски го споменуваат датумот 29 јануари, но Спасовски во изјавата го споменува само датумот и понатаму кажува дека во 2020 година министер за внатрешни работи бил кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
-Истрагата за пасошите е отворена уште во 2019 година. Според изјавите коишто ги дава опозицијата се споменува некаква патна исправа околу 29 јануари. Па кој беше тогаш министер за внатрешни работи во 2020?! Кадар на ВМРО-ДПМНЕ!, вели Спасовски во изјавата.
ВМРО-ДПМНЕ пак го “поправа” Спасовски дека во 2019 година министер бил токму тој.
-Слушам во изјавите кои ги даваат деновиве дека станувало збор за една патна исправа која е издадена на 29 јануари, 2019 година. Па, кој беше тогаш министер?“- праша Оливер Спасовски. На 29 јануари 2019 министер е Спасовски, и тој го издал пасошот на наркобосот Валид Иса Хмаис. Или Спасовски не знае во која година живее, или намерно сака да манипулира, се вели во демантот.
Потоа ВМРО-ДПМНЕ излезе со уште една реакција во која се вели дека како и да „врти“ Спасовски, пак лаже бидејќи пасошите кои ги објавиле ВМРО-ДПМНЕ се направени пред 2020, односно во 2019 година.
-Пасошите кои ВМРО-ДПМНЕ ги објави се направени пред 2020 година, односно во 2019 година. Обидот Спасовски да го вмеша и Чулев во издавањето на пасоши и документи на мафијаши е очаен и смешен.Пак статива Оливер! Како и да вртиш сучиш – лажеш! Жив си фатен како си врзан со мафијата!, се вели во дополнувањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Акцијата за издавање на македонски пасоши ја обелодени ВМРО-ДПМНЕ, а МВР за неа соопшти ден потоа и ја обвини опозицијата за саботажа на истрагата.