Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира на зголемените цени на дизелот за кои како што велат, од јуни минатата година до денес се покачени за над 40 отсто.
„Од 46 денари за литар дизел во 2017 година, граѓаните сега плаќаат 65 денари. СДСМ удри по најсиромашните. Секое домаќинство во просек плаќа 12.000 денари повеќе за дизел од лани. СДСМ не работи за граѓаните, затоа и ја покачи акцизата за 3.5 денари. Тоа предизвика директен трошок од над 40 милиони евра за граѓаните и за стопанството, а во исто време ја поттикна спиралата на раст на цените, со што трошокот за граѓаните е неколкукратно поголем“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека граѓаните се соочени со вистинско ценовно цунами, кое како што истакнуваат е шок кој е на директна штета на најсиромашните. Опозициската партија вели дека државата тоне во економска смисла и тоа граѓаните го чувствуваат.
„Република Македонија, не само што нема мрднато од место, на економски план, туку и е уназадена. СДСМ ја води државата кон банкрот и беспарица незабележана во македонската историја. Оваа ненародна власт мора да си замине. Нема да дозволиме државата да продолжи кон бездната“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде ги повикуваат граѓаните на протест на 2 јуни.