ВМРО-ДПМНЕ: Тошта се онесвести на судијата не му е гајле, Сенков беше во притвор заради политичка одмазда

by fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение побара одговорност за притворот на Сашо Сенков, кој вчера беше ослободен од обвинението за обидот за убиство врз пратеникот Зијадин Села. Според нив, притвор бил само заради политичка одмазда на СДСМ кон сите кои мислат поинаку.

„На Сашо Сенков му се погазени сите права и без никаква основа и докази беше политички обвинет од страна на клиентелистичкото обвинителство на СДСМ. Зоран Заев и неговите послушници не ги интересираше ниту здравствената состојба, ниту семејството на Сенков. Ги интересираше само спроведувањето на наредбата за одмазда. Одговорност за ваквото однесување мора да има и ќе има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата наведува дека Сенкој бил само една од жртвите на политички прогон во „заробената држава“.

„Вчера на носилка од судница беше изнесен и Александар Јанески – Тошта. Судот не го интересира ниту неговото здравје, ниту фактите на одбраната. Веќе една година живееме во целосно заробена држава. Станавме држава во која Зоран Заев иако флагрантно е фатен во кривично дело е ослободен само затоа што е премиер, а во исто време неговите политички противници се осудуваат без докази, само затоа што размислуваат различно од Зоран Заев. Помина една година на политички апсења и прогон. Една година во која е деградирано правото, а неправото стана пракса“, соопштуваат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ една година создава трулеж во општеството, врши тортута, апси и претставува кошмар.

„Една година како нема повисоки плати, нема повисоки пензии и социјална помош, нема нови 600 километри автопат, ниту 550 километри магистрални патишта. Една година руинирано здравство и земјоделие во хаос. Зоран Заев и картелот кој го води го уништуваа животот на граѓаните, секој ден 365 дена во изминатава година. Овој хаос мора да запре. Република Македонија заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро“, стои во соопштението на опозициската партија.

Поврзани новости