Министерот за финансии, Драган Тевдовски, е елементарна непогода и најголем ризик за македонската економија, изјави на прес-конференција Соња Гелова-Стојанова од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека Тевдовски и СДСМ не кажуваат дека долгот од 180 милиони евра на централната власт се, всушност, обврски врз основа на повеќегодишни јавни набавки, податок што редовно постои и се ажурира во Министерството за финансии.
„Притоа економските оператори доброволно се пријавувале на објавените повици за тендери и ги прифаќале тендерските услови, така што повторно не може да стане збор за скриен долг. Тоа значи дека се работи за средства кои во согласност со динамиката, државата ги исплаќала и треба да продолжи да го прави тоа“, изјави Гелова-Стојанова.
Таа, исто така, нагласи дека Тевдовски „срамно“ се обидел да ги припише на ВМРО-ДПМНЕ долговите што ги правел неговиот сопартиец Александар Петревски, како поранешен градоначалник на Охрид.