Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денес оддржа прес-конференција пред бензиската станица Пин Петрол во Куманово, јавно прашувајќи дали министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е скриен сопственик на бензиската станица, во чии рамки функционираат ресторан и перална?
-Прашањето е легитимно бидејќи на хартија оваа бензиска се води во сопственост на таткото на советникот за односи со јавност на Оливер Спасовски лицето Никица Петрушевски. Дополнително самиот факт што Оливер Спасовски молчи за овој случај говори дека нешто се крие. Бензиската станица Пин Петрол е модерна со кафетерија, ресторан, перална и супер маркет и сигурно вреди милиони, а е изградена од фирма која прикажува со години профит рамен на нула. Кога веќе полицијата на Спасовски не истражува ги повикуваме Антикорупциската комисија да го истражи случајот со бензиската станица позади мене исто како и доделувањето на лиценца за технички преглед која ја добила истата оваа фирма пред извесен период – рече Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ДПМНЕ.
Ѓорѓиевски и вчера ја актуелизираше оваа тема, при што од МВР одговорија дека нема никаков судир на интереси, бидејќи, како што соопштија од таму, ниту министерот Спасовски ниту некој негов роднина имаат сопственост врз компанијата.