Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа не прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, кој рече дека оставката на министерот за економија Зоран Ставрески била доказ дека се распаѓа бетонот на фамилијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Манчевски со пресот само покажал оти му пречи „упешна Македонија” и луѓето и тимот што постигнувале врвни економски резултати.
„Ставрески беше дел од економскиот тим кој ја намали невработеноста од 38 на 24,5 отсто. Менторите на Дамјан Манчевски од СДСМ беа дел од тимот кој ја спроведе срамната приватизација и ја раскрчми државата. Ставрески беше дел од економскиот тим кој во Македонија донесе повеќе од 50 директни странски инвестиции кои резултираа со илјадници работни места. Менторите на Дамјан Манчевски беа дел од економскиот тим на СДСМ кој избрка 200.000 луѓе на улица, ја уништи економијата и судбините на стотици илјади Македонци. Ставрески може да се пофали со придонес кон отворање на повеќе од 150.000 нови работни места. Манчевски може да се пофали со одржување на срамна прес-конференција на која оставката од здравствени причини на досегашниот вицепремиер и министер за финансии ја искористи за презентација на тоталната нечовечност и ароганција која е потпис на СДСМ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.